ВРХОВЕН СУД: Правно мислење за дозволеност на ревизија во спорови за исполнување, раскинување, поништување и ништовност на договори за доживотна издршка


Оригинален напис: Правдико на 20-03-2017.

Одделот на граѓански дела на Врховниот суд на Република Македонија, согласно член 68 од Судскиот деловник (,,Службен весник на РМ“ бр.66 од 09.05.2013 год) и член 41 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Македонија (,,Службен весник на РМ“ бр.36/95, 45/95 и 21/09) на седницата одржана на ден 16.12.2016 година, го донесе следното

П Р А В Н О   М И С Л Е Њ Е

Ревизија е дозволена во спорови за исполнување, раскинување, поништување и ништавност на договори за доживотна издршка, независно од вредноста на предметот на спорот, кога спорот се води помеѓу примателот и давателот на издршката. О б р а з л о ж е н и е Според член 372 став 2 од Законот за парничната постапка (,,Службен весник на РМ“ бр.7/11 – пречистен текст), странките можат да изјават ревизија против второстепена пресуда, ако вредноста на предметот на спорот на побиваниот дел на пресудата надминува 1.000.000,00 денари.

Согласно член 372 став 3 точка 1 од Законот за парничната постапка, по исклучок од став 2 на овој член, без оглед на вредноста на спорот ревизијата е секогаш дозволена во спорови за издршка. Конкретно, кога станува збор за договор за доживотна издршка, содржината на договорот за доживотна издршка ја сочинуваат правата и обврските на договорните страни сврзани со давање на издршката и со добивањето на стварите што се предмет на овој договор. Така, давателот на издршката е должен на примателот на издршката да му ја дава издршката до крајот на животот на примателот.

Примателот пак, е овластен да бара давање на таа издршка. Согласно Законот за облигационите односи, договорот за доживотна издршка престанува со смрт на примателот или давателот на издршката. Меѓутоа, во случај на смрт на давателот на издршката доаѓа до пренос на договорот врз неговиот брачен другар и врз неговите потомци, кои се повикани да го наследат умрениот давател на издршката. Но, за таков пренос на договорот е потребна согласност на наследниците на давателот на издршката. Договорот за доживотна издршка престанува и со раскинување на истио, кое раскинување може да биде еднострано од повеќе причини, а тоа е поради неизвршување на договорените обврски или пак, ако односите помеѓу договорните страни се нарушени до тој степен што заедничкиот живот станал неподнослив.

Исто така, договорот за доживотна издршка може да се раскине и поради променети околности. Станува збор за спор за издржување а не имотно-правен спор, кога тужбено барање се однесува за раскинување на договор за доживотна издршка помеѓу давател и примател на издршката и во тој случај истиот делува inter-partes и ревизија е дозволена во смисла на член 372 став 3 точка 1 од Законот за парнична постапка. Оттука, произлегува дека ревизија секогаш е дозволена во спорови за доживотно догледување, независно од вредноста на предметот на спорот кога спорот се води помеѓу примателот и давателот на издршката, бидејќи од исходот на спорот зависи и правото на издржување.

Друга е ситуацијата кога спорот се води помеѓу законските наследници на договорните страни или помеѓу една од договорните страни и законските наследници на другата договорна страна, бидејќи во тој случај не станува збор за издржување туку тој спор спаѓа во категоријата на имотно правни спорови и дозволеноста на ревизијата се цени според вредноста на спорот од побиваниот дел на правосилната пресуда (член 372 став 2 од ЗПП).

ВРХОВЕН СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Оддел за граѓански дела


0.0000000000000