Червар не е повеќе селектор на македонската ракометна репрезентација – се откажал вчера


Оригинален напис: Meta.mk на 12-03-2017.

Lino Cervar - RK Metalurg

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) попладнево преку соопштение го објави крајот на соработката со селекторот на македонската машка ракометна репрезентација Лино Червар. Федерацијата соопшти дека после истекот на рокот што му го дале, Червар вчера информирал дека сепак ја одбрал понудата да биде селектор на хрватската репрезентација.

Договорот на РФМ со Червар истекуваше за три години. Еве што извести попладнево РФМ:

„По завршувањето на XXV машки ракометен мундијал во Франција, во јавноста почнаа да се изнесуваат информации за евентуален трансфер на селекторот на машките ракометни сениори, Лино Червар, на клупата на хрватската национална селекција.

По неодамнешните разговори помеѓу членовите на високото раководство на Ракометната Федерација на Македонија и Лино Червар, во поглед на наводите за неговиот трансфер на клупата на хрватската национална селекција, двете страни договорија рок во чии рамки г. Червар требаше да ја извести Федерацијата за својата одлука. По завршувањето на тој рок, на 11. март 2017 година, Червар упати писмо до Претседателот на РФМ, во кое се заблагодарува на соработката и третманот кој го имал за време на неговиот тренерски мандат, а во однос на неговата одлука за селекторската функција, во дописот меѓу другото се вели:

„..Дали тоа да биде со репрезентацијата на државата во која сум роден, во која основав семејно гнездо, во која се изградив, развивав и афирмирав како ракометен тренер и ги постигнав најголемите светски успеси и во која кога-тогаш морам да се вратам и вечно да останам или да се одредам за репрезентацијата на една мала, горда држава, мојата втора татковина, која ме дочека и прифати како свој тренер на кој му даде сѐ што може да се даде? Сепак, ја одбрав Хрватска, мојот роден крај, мојата земја…“, стои во дописот.

Земајќи предвид дека Червар се изјасни за хрватската селекторска позиција пред Македонија, со предметниот допис автоматски се активира и правниот инструмент за едностран раскин на Договорот кој Червар го има со Ракометната Федерација на Македонија“, соопштува РФМ.

Федерацијата вели дека за да се надмине ситуацијата, ќе формира тело за селекција кое ќе ги избере кандидатите за наследник на Лино Червар.


0.0000000000000